Колумни

Несоница

Сте забележале ли дека во последно време сè повеќе луѓе се жалат дека патат од несоница?

Сте забележале ли дека во последно време сè повеќе луѓе се жалат дека патат од несоница? Пред да продолжам со пишувањето на оваа колумна, морам да признаам дека до пред некое време и јас спаѓав во оваа група. Бидејќи не можев да заспијам до раните утрински часови, стекнав навика да работам навечер, откако ќе зајде сонцето. Без разлика дали станува збор за работни обврски (среќа работам од дома) или пак, за домашни обврски, јас сè правев навечер бидејќи преку ден едноставно не можев да се освестам. Па дури и откако ќе завршам со сите оние нешта кои сум ги планирала за тој ден, јас останував будна до 6 часот сабајле, жалејќи им се на Твитер на оние кои исто како мене страдаат од несоница. Упорно си велев на себе дека не сум ранобудец и дека едноставно моето тело не може да функционира пред 1 часот попладне и дека најоптималната енергија ми се развива дури откако сонцето ќе се скрие, па токму затоа и не можам да заспијам до сабајле. Но, мојот летен одмор годинава ми покажа дека сум била во голема заблуда.

Несоница

Бидејќи сум во врска со ранобудец кој е хиперактивен наутро, можете веднаш да претпоставите како изгледаа нашите денови. Станувавме порано, околу 10 (да, ова е многу рано за човек како мене и да бидам искрена, за ништо на планетава немаше да се согласам да станувам порано од тоа), доручкувавме и одевме на плажа. Таму цел ден го поминувавме во движење – пливавме, шетавме по плажата, игравме тенис… Откако сонцето ќе се скриеше, се враќавме во нашата соба, ги фрлавме сите реквизити што ги имавме за на плажа и повторно излегувавме во градот, на прошетка. Првите неколку дена, како и секогаш претходно имав несоница. Исто така ми беше и многу тешко да станам од кревет, бев екстремно намќореста и ми требаше долго време да се расонам. Но, по неколку дена се случи нешто неверојатно. Почнав да се будам без проблем. Но, најинтересно од сè беше фактот што јас, личноста која не може да заспие без претходно барем 2,3 часа да се превртува во кревет или да дреме до сабајле на Твитер, заспивав за само неколку секунди откако ќе си легнам. И токму тогаш го открив лекот за несоница – физичката активност.

Размислете како ги поминувате вашите денови. Сигурно веднаш по будењето, уште додека сте во пижами, почнувате со својата работа. Проверувате имејли на вашиот смартфон, го планирате денот, набрзина јадете, влегувате во вашиот автомобил (или пак во такси/автобус) и одите на работа. Наредните 8 (можеби и повеќе) часа ги поминувате седејќи пред лаптоп, целосно фокусирани на работните обврски и откако ќе завршите, со вашето превозно средство се враќате дома. Ако се договорите да се видите со вашите пријатели или партнер, повторно палите кола (или викате такси), бидејќи нели, Центар е толку далеку од вашиот дом и нема шанси да стигнете до него со пешачење. Кога ќе се вратите вечерта дома (повторно со возило), бидејќи вашиот мозок е преморен, едвај чекате удобно да се наместите на каучот пред телевизор, каде што вечерате и заспивате. По неколку часовна дремка ќе ве разбудат пукотници од новиот филм кој почнал на HBO или пак, некој од вашето семејство нежно ќе ве погали по лицето, велејќи ви да се префрлите во вашиот кревет и вие едвај станувате и со последните сили се струполувате во вашиот кревет каде што наместо веднаш да заспиете, останатиот дел од вечерта го поминувате гледајќи во таванот или пак, седејќи на социјалните мрежи, запрашувајќи се каде и кога ви избегал сонот. А наредниот ден, повторно истата приказна. Дали можете да забележите што недостасува? Физичка активност!

Ајде сега повторно вратете се на вашето секојдневие. Без разлика дали работите или студирате, сигурна сум дека повеќето од вас кои страдате од несоница немате никаква физичка активност во вашиот живот (качувањето по скали до 4-от кат не се рачуна). Можеби вашиот мозок е преморен од денот, но вашето тело е преполно со енергија и нормално е да не можете да заспиете. Токму затоа наоѓајте начини да се раздвижувате во текот на денот. На паузите, наместо да се занимавате со вашиот смартфон, излезете на воздух и прошетајте околу објектот во кој работите или учите. Навечер, кога ќе излегувате на кафе, не го земајте и вашиот автомобил со вас. На овој начин ем ќе внесете повеќе физичка активност во вашиот живот која ќе ви помогне полесно да заспивате, ем ќе го поштедите воздухот кој и онака ни е многу загаден. Да не заборавиме и дека ќе заштедите на гориво. Би ви кажала да започнете и со вежбање, барем 3 пати во текот на неделата, но овој пат ќе си премолчам бидејќи знам колку е тешко тоа да се почне. Дури ни јас сè уште не сум се убедила за оваа активност, но кога ќе почнам (планирам, сериозно) тогаш со чиста совест ќе ви го предложам и тоа. Но, сега за сега, целта ми е да ве убедам барем малку повеќе да се движите. Сигурна сум дека по само неколку дена ќе забележите дека вашата несоница ја снемува.

Одговорете

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s