Една од најдобрите одлуки во мојот живот беше одлуката да тргнам на курс за психотерапија. Уште додека бев прва година на факултет, имав голема желба за учење на когнитивно бихејвиоралната психотерапија, ама по интересен сплет на околности и долгогодишно одложување пред 2 години некако успеав да се најдам на едукација за Гешталт психотерапија. И не можете ни да замислите колку се пронајдов таму. Токму затоа за оваа колумна решив да споделам со вас нешто што го научив таму уште во првите неколку часови. Нешто што во последниве 2 години ми помогна повеќе да се запознаам себе како и да разберам дел од моите необјасниво несфатливи реакции…
Ви се случило ли некогаш да чувствувате чиста анксиозност без видлива причина? Или пак, интензивна лутина, тага, па дури и среќа без да можете целосно да ги припишете овие чувства на неодамнешните настани? Би се изненадиле колку многу луѓе секојдневно поминуваат низ вакви ситуации – тие доживуваат силни чувства (негативни или позитивни) без притоа да можат да дефинираат што точно се случува во нив. И токму оваа, па ајде да ја наречеме несвесност за внатрешните процеси, доведува до зголемување на анксиозноста, бидејќи во тој момент чувствувате нешто чиј извор не можете да го објасните и токму затоа не знаете ни како да се справите со тоа.
Во психотерапијата постојат 2 магични прашања кои можат да помогнат при освестување на овие чувства. Едното прашање е „Што се случува токму сега?“ Тоа опфаќа:
- Што правам?
- Што чувствувам?
- Што мислам?
- Како дишам?
Второто магично прашање е „Што сакам во овој нов момент?“ Дали сакам на ист начин да продолжам да работам, да мислам, да чувствувам и да дишам или пак, сакам нешто да променам? Понекогаш доволно е само да си ги поставите овие прашања и веднаш ќе се почувствувате подобро. Вие можеби не сте донеле намерна одлука да се промените, но со сигурност сте покренале некој внатрешен процес кој го сторил тоа за вас.
Овие прашања ќе ви помогнат да откриете што точно се случува со вас во овој момент и ќе ве доближи еден чекор поблизу до откривањето на изворот на мистериозните чувства кои ги доживувате. Нареден пат кога ќе почувствувате нешто што не можете да го објасните или пак, ќе направите нешто што не можете целосно да го разберете, сетете се да си ги поставите овие прашања.