Да ве предупредам, не го читајте текстов доколку не сте ги изгледале сите досега излезени епизоди од Doctor Who. Продолжете со внимание, следуваат спојлери.
Изгледа дека конечно дојде времето кога има шанси нашиот мил и драг Доктор да се регенерира во жена! Откако дознавме дека Миси (скратено од Мистрес) е всушност Мастерот, се појави долго разговараната можност за промената на полот за време на регенерациите.
Стивен Мофат, кој долго време ја пишува приказната за Доктор Ху, во едно интервју за враќањето на Мастерот изјавил:
„Докторот изгледа дека не го регистрира фактот дека неговиот стар пријател е сега жена. Токму затоа, можеме да заклучиме дека тоа не е нешто неверојатно и дека оваа промена на полот не е ролку ретка на Галифреј.“
Токму поради ова интервју можеме слободно да претпоставиме дека наредниот Доктор би можел да биде жена. Ова успеа за Мастерот, зошто да не би успеало и за Докторот?
Сегашниот Доктор, Питер Капалди, дополнително разговара за Миси и докторот во едно друго интервју:
„Сметам дека Миси беше одлична идеја. Сакавме да биде изненадување и тоа беше најдобриот начин да се изведе тоа, но да, тоа ни отвара нови можности. Тие имаат однос кој изобилува со љубов и омраза, но бидејќи долго време и двајцата биле мажи, а по промената сè уште ја имаат истата врска, има големи шанси да видиме нешто повеќе за тоа. Интересно е да можете да се смените така. Мислам дека е добро.“
Но, сега кога знаеме дека тоа може да се случи, дали навистина ќе се случи? Колкави се шансите да видиме женска верзија од Доктор Ху? Според Питер Капалди, не мора да чекаме премногу долго време:
„Многу лесно може да се појави Доктор кој е женско. Мислам дека дури и наредниот Доктор би можел да биде жена. Не гледам причина зошто тоа да не би се случило. Мислам дека е добра идеја.“
Искрено, идејата за женски Доктор Ху навистина ме заинтересира. И покрај тоа што за време на ТВ серијата имаше навистина силни женски карактери, како на пример, Дона Ноубл или Ривер Сонг, последните две придружнички беа можеби дури и премногу посветени на Докторот. Ејми Понд беше позната како девојката која чекаше, бидејќи реално таа би го чекала Докторот вечно, дури и додека нејзиниот живот полека се случува околу неа.
Токму затоа би било интересно да се види малку различност во улогите на жените. Ние најчесто кај нив можеме да видиме посветеност, па дури и заљубеност или пак, злобна генијалност. И тоа не е ништо лошо, но можеби промената би ја освежила малку приказната.
Имајќи го ова на ум, сметам дека различноста во главниот лик на Doctor Who би била одлична. И оваа промена не мора да биде само во полот, може да биде и во расата.
За крај, сите ние најмногу сакаме кога актерот е соодветен за улогата, без разлика на полот или бојата на кожата. Па, токму тоа е она на што треба да се обрне најмногу внимание при следниот избор, бидејќи ако ме прашувате мене, Питер Капалди не е баш соодветен избор.
Но, сè уште стои најважното прашање. Дали Докторот конечно ќе има црвена коса?
Не!
Што мислите вие, дали би ви се допаднало ако наредната регенерација ни донесе Доктор со женски пол?