Колумни

Филтер

И така филтер, по филтер ние ја градиме нашата „репутација“ на сосема нереална (читај: совршена) слика за себе кон која и ние самите со тек на време почнуваме да се стремиме, но која никогаш нема да можеме да ја постигнеме. И тука настанува проблемот.

Пред некој ден бев излезена со другарки на чаша вино. Немаше некој посебен повод, онака само сакавме да се видиме и да си помуабетиме. Седевме заедно неколку часа, направивме неколку фотки и тргнавме секоја по својот пат. Откако стигнав дома, се облеков во моите најудобни и најмеки зимски пижами, се замотав во топло ќебе и го поврзав мобилниот со лаптопот за да ги префрлам фотографиите. Како што ги прегледував „неколкуте“ фотки што ги направивме, кои испадна дека биле илјадници (не ми е јасно како воопшто најдовме толку време) и стотиците нивни верзии со различни филтри сфатив дека всушност ние немавме време да направиве никаков муабет за нас.

Филтер

Се договоривме да се видиме бидејќи сите почнавме да работиме и сега имаме помалку време за гледање за разлика од порано, кога можевме буквално секој ден да дремеме по кафиња и да си ја гатаме иднината од талогот во шолјата (не ме осудувајте, ама едно време вистински верував во ова!). И некој би рекол дека кога се гледаш еднаш во неделата (некогаш ниту еднаш), човек би нашол време да праша како било на работа, што се случува во врската или пак, едноставно дали има нешто ново во животот. Но, не, ние бевме преокупирани со правењето на совршената фотографија во која сме покажани во најдоброто светло. Се запрашав која беше причината за ова. Можеби сите бегавме од оние нешта за кои се грижиме кога не сме заедно. Или пак, сме заборавиле што значи дружењето. Којзнае. Можеби никогаш нема да откријам.

Да се навратам на темата. За да си ја постигнеме нашата, па ајде да ја наречеме Инстаграм цел, прво моравме да направиме 17.000 фотографии, од нив да избереме неколку кои ќе ги поминеме низ барем 2, 3 апликации за филтри (да, не беше само една апликација) и потоа да ја постираме онлајн финалната верзија со цел светот да нè види заедно. И што постигнавме со тоа? 30-тина срценца и тотално потрошено време за џабе. Тоа што едната од нас сакаше да разговара за проблемите на работа, а другата за проблемите во врската целосно се заборави и наместо да си одиме дома насмеани, со совршеното решение на овие ситуации, ние се вративме дома со истите тежини со кои дојдовме.

Сега повторно мора да се навратам на минатото. И покрај тоа што секој ден се гледавме и целото време беше пред нас, па дури и покрај многуте часови поминати во гатање и други гледанции (сериозно, не ме осудувајте!), сепак поголемиот дел од времето го поминувавме во разговор за нас, за она што во моментов ни се случува и за она што сакаме да ни се случи во иднина. Но, најмногу време одвојувавме за решавање на нашите проблеми. Па, 4 глави мислат подобро од 1, нели? А денес… Денес нештата се комплетен хаос. И ова не го кажувам само за нас. Секаде се случува. Се шири како чума низ светот и го консумира целото население со неверојатна брзина. Како што поминува времето така сите ние сме позафатени, имаме повеќе обврски и сè помалку слободно време. И наместо да го искористиме слободното време мудро, без разлика дали станува збор за средба со другарите, прошетка до Водно или посета на некој локал, нашиот поглед е исклучиво насочен кон смартфонот и кон целта да му покажеме на светот колку сме ние најубави, најпаметни и најуспешни.

И така филтер, по филтер ние ја градиме нашата „репутација“ на сосема нереална (читај: совршена) слика за себе кон која и ние самите со тек на време почнуваме да се стремиме, но која никогаш нема да можеме да ја постигнеме. И тука настанува проблемот. Убедувајќи ги другите дека ние сме навистина такви какви што се претставуваме, се убедуваме и себе во оваа лага и тоа се случува сè додека не дојде момент кога ќе сфатиме дека целосно сме се изгубиле самите себе. И зошто? Затоа што сме сакале да оставиме подобар впечаток на луѓе кои воопшто не се грижат за нас. Зарем вреди? Размислете!

Одговорете

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s