Потребни состојки:
- 200 грама безглутенско брашно (Schar)
- 200 милилитри вода
- 1/8 свеж квасец
- 1/2 лажичка сол
- 1 лажичка кафеав шеќер
- 1 супена лажица маслиново масло
- 400-500 грама измиен и исчистен спанаќ
- 200 грама моцарела
- Сирење
Начин на подготовка:
Најпрво во сад сипете ја водата и додајте го квасецот. Мешајте сè додека не се растопи, а потоа додавајте ги и другите состојки (брашното последно се додава) додека постојано мешате со маталка, бидејќи тестото е многу меко и лепливо и не може да се меси со раце. Откако ќе добиете мазна смеса, оставете го тестото да се одмори 30-тина минути.
Спанаќот се сечка на мали парчиња и се пржи во маслиново масло или путер. Пржете неколку минути или сè додека не омекне и потоа тргнете го од оган. Тргнете неколку исечкани кругови моцарела на страна, а тоа што ќе ви остане, заедно со сирењето (количината може да биде модификувана според вашиот вкус) измешајте го со спанаќот. Оставете да се олади.
Бидејќи безглутенското тесто е малку комплицирано за подготовка поради фактот што се лепи на вашите раце, претурете го од садот на површина премачкана со масло. Намачкајте ги и вашите раце со масло за да не ви се лепи и поделете го на 5 парчиња (или на повеќе/помалку парчиња во зависност од калапите). Парчињата развлечете ги во калапите на дебелина од 5 до 7 милиметри, подигнати од страните и оставете ги да постојат барем уште 60-тина минути во нив.
Загрејте ја рерната на 200 степени и во моментот пред да ги ставите питите да се печат ставете ја врз нив смесата со спанаќот. Врз нив ставете уште некое парче моцарела и печете 5 минути, а потоа намалете на 170. Продолжете со печење уште 10-тина, 15 минути или сè додека тестото не добие жолто-златна боја. Извадете ги од калапите и послужете ги топли.