Облаците се формираат кога пареата од водата што испарува се издигнува кон атмосферата и кондензира во микроскопски честички, како прашина, земја и морска сол.

Кога сонцето ја загрева водата во океаните, реките, езерата и другите водени површини, дел од неа испарува или се трансформира од течна вода во водена пареа. Со доволно топлина и водата во почвата испарува, а со тек на време истото се случува и со водата од лисјата на растенијата (тие на некој начин издишуваат водена пареа, исто како што ние издишуваме воздух).
Дел од оваа водена пареа го наоѓа својот пат до атмосферата преку процес наречен конвекција, каде што потоплите и не толку густи делови од воздухот се подигнуваат, додека поладните и погусти делови тонат надолу. Бидејќи атмосферскиот притисок се намалува со зголемување на висината, водената пареа како што се движи нагоре доживува сè помал притисок. Кога ќе достигне до област со премногу мал притисок, водената пареа се шири, а со тоа и губи енергија – процес кој предизвикува таа да се олади.
Движејќи се нагоре, воздухот ја достигнува онаа температура каде што тој станува сатуриран од водена пареа. Под оваа температура, дел од водената пареа продолжува да кондензира или да се трансформира од гасовита во течна состојба. Но, водата најчесто поминува низ кондензација кога е во контакт со цврста површина, а ова се случува кога во игра ќе влезат микроскопските честички од прашина и сол во атмосферата. Кога доволно водена пареа ќе кондензира околу овие микроскопски честички, се појавува видлива форма на облак.
Бидејќи атмосферата е постојано во состојба на движење, кондензацијата и испарувањето се случуваат континуирано, дури и откако ќе се формира облакот. Доколку има повеќе испарување од облакот отколку кондензација, тогаш тој ќе се распрсне, но ако се случи обратното, тој ќе расте.