Претходната недела излезе последната епизода од одличната нова ТВ серија How to Get Away with Murder. На почетокот мора да признаам дека бев малку скептична и мислев дека нема да можат да го одржуваат силното темпо со кое почнаа, но по неколку епизоди и најважно од сè, по последната епизода од сезоната, можам слободно да кажам дека никогаш претходно не сум гледала серија која толку многу ме изненадила.
Гледам многу серии, бидејќи пишувам рецензии, па токму ова мое хоби понекогаш знае и негативно да ми влијае бидејќи почнав на некој начин да ги предвидувам настаните пред тие да се случат. Може да се каже дека развив некој вид шесто сетило за сериите (не знам дали да се гордеам или да плачам за ова изјава!) и токму затоа веќе многу ретко налетувам на приказна која не ми е проѕирна. How to Get Away with Murder е една од нив! И не само што приказната е повеќе од брилијантна, туку и самото раскажување на настаните е толку добро направено што во ниту еден момент нема да можете да предвидите што ќе се случи следно. Таа е полна со изненадувања, нешта кои ни на крај памет не би ви паднале и најважно од сè е исполнета со многу настани и ликови кои целосно ќе ви го окупираат вниманието.
Доколку сè уште не ја гледате, а сте љубител на серии со криминал, убиства и адвокати, тогаш од срце ви ја препорачувам оваа. Првата сезона е целосно завршена, па можете да си направите викенд маратон и да ја изгледате целата за само 2 дена. Доколку решите да го направите тоа, споделете впечатоци со мене! 🙂