Глува доба
Писмата од Мишима

Глува доба

Ноќта беше нема. Беше глува доба во сред недела. Немаше никој на улиците. Ги слушав само моите чекори и моето забрзано дишење. Мирисаше на снег иако е март. Полната месечина не се гледаше од облаците. Само се гледаше нејзината светлина, како размачкана боја на платно. Сѐ беше исто, монотоно. Целиот град беше заспал во длабок сон, подготвувајќи се за утрешниот ден. Го чувствував мојот топол здив од шалот што го носев преку моето лице. Почнуваше да врне. Да роси. Ги почувствував ладните капки дожд на моето лице. Се мешаа со моите врели солзи, кои непрестајно течеа. Во моите очи тлеа разочарувањата што ги криеше ноќта. Едвај чекав да дојдам до дома, да се втурнам под топлиот туш, надевајќи се дека мојава душа бар малку ќе ја загрее, дека мојата тага ќе отиде заедно со водата во одводот и дека утре сѐ ќе биде подобро…

Глува доба

Колку пати до сега сте ставиле маска, сте се насмеале, само за да не објаснувате колку ве боли нешто? Колку сте скршени внатре?

Како може една реченица, едно прашање да ве кутне толку? Се чувствувате како да ве допреле со вжештено железо, ама само за секунда, не за да ве изгори, туку само да ве здоболи? И да ве боли многу долго време. Која е моќта на еден збор, кој може да ве допре, да ве пецне онаму каде што ве боли најмногу, во вашата слаба точка? Се насмевнувате низ заби, велејќи дека сѐ е во ред, а всушност голтате една огромна кнедла? Сѐ е во ред, а некој да ве допре ќе почнете да плачете во истата секунда?

Тоа е закопано таму, не можете да влијаете на него, ама спомените со тоа болат. Ве потсетуваат колку го сакавте, го посакувавте и сè уште ви значи. Се сеќавате колку се боревте за него, колку му се радувате, кога зимата беше толку топла, а летото толку ладно. Си велите на себе, зошто сега тоа го спомнавте и онака помина долго време оттогаш, зошто пак ми го враќате и ми го плескате в лице?

Ама тоа е само блед спомен. Спомен кој ве гони како сениште. Сега на душава ѝ е толку ладно, ништо не ја грее, толку е празна. Ви фалат деновите кога се смеевте, кога се радувавте со цело срце, кога бевте исполнети. После тоа имало и нешто попатно, но сфаќате дека било лажно, дека само сте се обидувале да ја пополните празнината, ама ете ништо не било како тоа. И сѐ повеќе се разочарувате.

Се прашувате зошто на сите им се исполнуваат желбите, само вашата не? Си ја гледате сопствената желба, потопена во вашите солзи, маки и надежи. Каде грешите? Чии гревови исплаќате? Се прашувате до кога ќе трае оваа агонија… Се чувствувате изгубено. Осамено. Повторно на почеток. Не можете на никој да се јавите, да се исплачете. Сакате да вриснете. Мора сами да го преживеете ова, да го пораснете. Ноќта издржува сѐ. Таа и онака е тука за да си ги кажеме работите, за кои немаме храброст да си ги кажеме наредниот ден.

Плачете. Очите стануваат сè потешки, а душата полесна. Си велите утре е нов ден, ќе биде подобро…

И навистина е така. Секое лошо за секое добро.

Со љубов,

Мишима

Одговорете

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s