Универзумот е составен од материја и енергија. Материјата е сè што има маса и зафаќа простор, па токму затоа е многу лесно да се разбере, но енергијата е малку поапстрактна.

Во физиката, енергијата е способноста да се заврши одредена работа или пак, да се направи промена во материјата. Со други зборови, количината на енергија која нешто ја поседува се однесува на неговата способност да предизвика нештата да се случат.
Енергијата има неколку важни карактеристики. Како прво, таа е секогаш „зачувана“ и не може да биде ни создадена ниту пак уништена. Но, таа може да биде пренесена помеѓу објекти и системи со интеракција на силите. На пример, енергијата од зеленчуците се префрла кон луѓето кои ги консумираат. Другата карактеристика на енергијата е дека таа доаѓа во повеќе форми и дека може да биде претворена од една форма во друга. Најчестите основни видови форми на енергија се кинетичката и потенцијалната енергија. Кинетичката енергија е енергијата на движењето, додека пак потенцијалната енергија е онаа која ја поседуваат објектите поради нивните позиции или конфигурации. На пример, топката има кинетичка енергија додека лета низ воздухот, додека пак чашата на маса има потенцијална енергија (па, доколку ја турнете од масата, гравитацијата ќе го забрза нејзиното движење и потенцијалната енергија ќе се претвори во кинетичка).
Постојат и други видови енергија како на пример, електрична, хемиска, топлинска, електромагнетна и нуклеарна.
Во раните години на 20-от век, научниците имале теорија дека масата и енергијата се интимно поврзани. Алберт Ајнштајн ја објаснил оваа теорија преку неговата позната равенка E=mc2 каде што „E“ се однесува на енергија, „m“ на маса и „c“ на брзината на светлината.