Како да ти кажам дека ми фалиш? Не го чувствуваш тоа? Како не можеш да сфатиш дека ми требаш? Тука бар на кратко да те видам. Да ме гушнеш. Да ме насмееш. Да ме погледнеш со тие светло зелени очи, кои што ми ја греат душата, кои што ми ја горат кожата.
Не ми се веќе доволни секојдневните пишувања и слушања. Сакам да те видам покрај мене, ден, два. Се задоволувам и со малку. Да, знам дека не смеам да се задоволувам со толку, но што да правам? Зошто не го разбираш тоа?
Да ме прашаш за најважната работа за мене, онаа што ме прави среќна, за која ти зборував со пламен во моите очи. За онаа работа за која што ми даваше поддршка. А сега ни да ја спомнуваш… Зошто ме рушиш така? Не сфаќаш дека си важен дел од мојот живот, од овој голем период за мене?
Зар сите оние реченици, колку сакаш да ме видиш, да бидеш покрај мене, да ја почувствуваш и галиш мојата кожа, да ги бакнуваш моите усни и врат се само измислица? Зошто ништо не правиш за да можеш тоа да го оствариш?
Не ми го прави тоа. Не ми го руши светот кој ми го покажа, немој пред моите очи.
Понекогаш кога сум напната, лута, не ме оставај сама. Знаеш дека од тоа најмногу се плашам. Немој. Биди тука покрај мене. Бар онака како што вети ти.
Не чувствуваш по мојот глас кога збориме дека ми недостигаш? Не се приметува по моите очи колку се желни да те видат? Или тоа толку добро го камуфлирам, кријам со радост и среќа кога те слушам и гледам? Посакувам да ми ја допреш дланката да видиш колку е студена, колку се изладила од чекање и празни зборови…
И на крај, зошто се појавуваш баш кога ќе кажам се откажувам од тебе?
Со љубов,
Мишима