Психологија

Примена на Гешталт психотерапија во психолошката пракса

Гешталт терапијата се фокусира на она што се случува сега, односно на сегашниот момент.

Во психологијата, „феноменолошки“ или „експериментален“ пристап се однесува на искуството на клиентот, односно како тој или таа ги доживува нештата. Феноменологијата е дисциплина која им помага на пациентите да застанат настрана од нивниот вообичаен начин на размислување со цел да можат да почнат да прават разлики помеѓу она што навистина го перципираат и чувствуваат во одредена ситуација и кое е под влијание на минати настани (Yontef, 1993). Терапијата која е истовремено егзистенцијална и феноменолошка се фокусира на човечкото постоење – на поврзаноста со другите, на среќата и страдањето и на сè останато кои директно се искусува.

Примена на Гешталт психотерапија во психолошката пракса

Всушност, Гешталт терапијата е фокусирана на чувствата во сегашноста и на она што може да биде набљудувано како опипливи и релевантни податоци (Yontef, 1993). Терапевтите можат да постават прашања како, „Дали моето искуство е исто како твоето?“ само со цел да ги натераат клиентите да одговорат преку нивните перцепции. Описот е ценет.

Гешталт терапијата се фокусира на она што се случува сега, односно на сегашниот момент. За да им помогне на своите клиенти да ја прошират својата свесност, Гешталт терапевтите поставуваат прашања како „Што се случува сега?“ или пак, „Што доживуваш во овој момент додека разговараш со мене?“ Доколку станува збор за разговор за соништа, тогаш терапевтот може да предложи, „Раскажи ми го сонот како да ти се случува во моментов“ (Corey, 2009).

Однос терапевт – клиент

Терапевтите имаат уникатна одговорност кога станува збор за применување на Гешталт терапијата. Поради својата егзистенцијална природа, ова врска е иста како и на онаа помеѓу две рамноправни индивидуи. Понекогаш дури и самото присуство на терапевтот е многу поважно од техниките кои тој/таа ги употребува. Лора Перлс објаснува дека идејата на личноста и присуството е многу поважна од самите технички вештини кои се користат за време на сесиите. Таа вели дека терапевтот и клиентот сами си ја градат својата врска и дека терапевтите се одговорни за олеснување на личниот процес на самооткривање на клиентите.

Односот клиент – терапевт, според Кори, мора да биде утврден уште пред да започне самата терапија, со цел клиентот да му верува на терапевтот. Верувањето е од клучна важност и само тогаш клиентот може да постигне повисоко ниво на свесност. Тој исто така сугерира и дека терапевтите се одговорни за одржување на терапевтската атмосфера која ќе ја поттикне психолошката работа на клиентот. Терапевтите исто така треба да бидат подготвени да ги изразат нивните реакции и набљудувања како што ќе се случуваат, исто како што се очекува и од самите клиенти. Тие овозможуваат фидбек кој е од голема помош. Терапевтите, меѓу другото, се доживуваат и како артистички учесници во креативен процес.

Во рамките на Гешталт психотерапијата, конфронтацијата е исто така дел од односот терапевт – клиент. И покрај тоа што овој термин звучи нападно и застрашувачко, не станува збор за напад. Таа може да биде покана кон клиентите да ги испитаат нивните однесувања, ставови и мисли, како и да ги забележат несогласувањата помеѓу нивните вербални и невербални експресии. Со помош на оваа техника, клиентите имаат можност да научат нешто повеќе за себе. Таа може да се примени и индиректно за време на терапијата, како едноставна опсервација или изјава како, „Вие можеби го велите тоа, но вашето лице ми кажува дека не се чувствувате на тој начин.“

Креативност во работата

Џозеф Зинкер (1977), познат Гешталт терапевт и автор на книгата „Креативен процес во Гешталт терапијата“, постојано ја нагласува креативната употреба на нештата како пишување, цртање, сликање и слично во терапијата. Тој ги поттикнувал терапевтите да бидат што е можно покреативни во терапевтскиот процес велејќи, „Секоја креација е изразениот бихејвиорален исход на голем број слики, фантазии и мисли.“ Темите кои доаѓаат за време на овие изразувања треба да бидат доживеани во сегашниот момент, па токму овие креативни процеси, според Зинкер, се шанса за раст и развој. Уметноста и креативноста се одличен начин да се развијат нови концепти во мислите на одредена личност.

Справување со незавршените работи

Кога се појавуваат фигури од позадината, но не се целосни или разрешени, Гешталт терапевтите се сомневаат дека станува збор за клиент кој има одредена незавршена работа од минатото. Ова најчесто се забележува преку нејасните или скриени чувства. Незавршените работи можат да се маскираат како тага, анксиозност, каење, напуштање и голем број други емоции. Бидејќи клиентите не се целосно свесни за она што го доживуваат, незавршените работи може да тлеат во позадината и да го спречуваат клиентот да дојде до решение. Гешталтистите исто така многу често се соочуваат и со клиенти кои ги манифестираат своите незавршени работи преку неочекувани чувства кои резултираат со физичка манифестација, како на пример, нервозни тикови. Во овие ситуации, една од најважните задачи на терапевтот е да го води клиентот преку незавршените работи во сегашноста.

Дијалог

Гешталт терапевтите работат преку вклучување во дијалог. Контактот со клиентот треба да биде директен, грижлив, топол и полн со поддршка и прифаќање. Автентичноста и искреноста помеѓу двете страни е клучна со цел да се разговара за она што е навистина важно.

Многу често во Гешталт терапијата преку дијалогот клиентите ја учат разликата помеѓу „силно утврдените опсесивни патишта и новите мисли. Гешталт терапијата користи активни техники кои го појаснуваат искуството и одговорноста за сегашноста, па токму затоа кога се појавуваат нови шеми на размислување, се овозможуваат и здрави промени кај клиентите.

Мeтод „празна столица“

Една од техниките кои се користат во Гешталт терапијата е онаа во која клиентот со помош на едно или повеќе столчиња се вклучува во играње улоги. Терапевтот бара од клиентот да седне на едното столче и да ја одигра „првата“ улога преку која ќе го објасни својот проблем, а потоа тој добива задача да седне на другото столче, играјќи ја „втората“ улога со цел да ја погледне неговата ситуација и од друга перспектива и на тој начин подобро да го разбере проблемот. Со методот празна столица, клиентите можат да пронајдат чувства кои ги тргнале настрана или кој претходно ги негирале. Наместо да зборуваат за своите конфликтни чувства, клиентите на овој начин се во можност да ги засилат истите и да ги доживеат во целост. Целта на оваа техника е да се прифатат поларитетите и да се разберат конфликтите кои постојат во секој човек.

Говор на телото

Говорот на телото се смета за суптилен индикатор на интензивни емоции. Движењата, држењето на телото како и гестикулациите се уникатен начин на кој може да се комуницираат значајни нешта. Кога се обрнува внимание на говорот на телото за време на сесиите, многу често терапевтите бараат од своите клиенти да нагласат одредено движење или тик. Се верува дека на овој начин ќе се интензивира и чувствата кои се „закачени“ за ова однесување, овозможувајќи разоткривање на нивното внатрешно значење. Терапевтот во оваа ситуација може да постави прашање како „Што кажува овој гест?“ или пак, „Што сакаш да кажеш со ова движење?“

Работа со соништата

Целта на обрнувањето внимание на соништата во Гешталт психотерапијата е да се преживеат повторно во сегашноста. Секој дел од соништата се смета како проекција на селфот – клиентите измислуваат сценарија за сите средби кои ги играат карактерите. Бидејќи клиентите можат да го доживеат одново конфликтот, гледајќи го од различни страни, тие со тек на време ќе можат да ги прифатат и нивните внатрешни разлики. Гешталтистите веруваат дека соништата се спонтани изразувања на селфот, кои се претставуваат преку незавршените ситуации и содржат егзистенцијални пораки за личните битки на секоја индивидуа.

Заклучок

Гешталт терапијата е ефективна, позитивна и хуманистичка терапија. Таа им помага на клиентите да станат поодговорни за нивното искуство и да почнат повеќе да експериментираат со нови начини на однесување и размислување. Таа им помага подобро да ги доживуваат клучните моменти, како и емоциите во животот. Свесноста игра огромна улога при растот и развивањето на клиентите, правејќи ги пооригинални и поотворени кон транзиции и промени.

Јонтеф тврдел дека Гешталт терапијата довела многу корисни и креативни иновации во светот на психотерапијата, а ова размислување го потврдува и Колер. Тој вели дека ентузијазмот и постигнувањето на раните Гешталт психолози има свои подеми поради начинот на кои тие доаѓале до нив релевантни опсервации. Исто така, Јонтеф ни зборува и за многуте откритија и техники кои биле интегрирани во секојдневната пракса, најчесто без заслуги. Овие техники методи овозможуваат добар модел за психотерапија и треба да продолжат да се применуваат и развиваат. Тие исто така треба да бидат прифатени од што поголем број психолози бидејќи имаат неверојатен број придобивки во полето на психологијата.

Психологијата сама по себе на многу начини може да биде поврзана со Гешталт терапијата. Таа го проучува целиот свет на човекот – неговиот ум, мисли, однесувања, интеракции со околината, па дури и самото постоење и бидејќи има експериментална природа и огромен број придобивки, Гешталт терапијата е многу соодветна за понатамошна пракса и проучување.

Одговорете

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s