Ќе го започнам овој пост со искрена исповед – никогаш досега не сум била на Матка. Кога имам потреба од свеж воздух, најчесто се упатувам кон Водно, бидејќи ми е поблизу, но не можете ни да замислите колку се каам за тоа. Токму затоа и решив да си го документирам ова мое искуство. Најпрво, за човек кој никогаш досега не бил на Матка, патот е прилично тежок за наоѓање (да, се изгубивме). Среќа (или можеби срамота, не можам да одлучам) се погоди еден фин човек од Франција кој нè насочи кон вистинскиот пат. Токму затоа и ќе ја искористам оваа шанса јавно да побарам поставување знаци на вистинскиот пат кон Матка. Благодарам однапред.
Да се вратам на темата. Кањонот Матка. Место кое секој жител на Македонија треба барем еднаш во својот живот да го посети. Пејсажите се бесценети, особено ако ги доживеете од повисоко. Возењето со чамче е исто така одлично искуство, додека пак, една од пештерите која имавме можност да ја видиме ми остави можеби и најголем впечаток од сè (воопшто не е клаустрофобична, ако можете да си ги игнорирате мислите дека ќе се случи земјотрес кој ќе ви ги сруши сите карпи одозгора врз вас!). Тоа што не ми се допадна во целото ова искуство е фактот што превозот со чамец до пештерите е 400 денари од човек, (да, сериозно!) додека пак, ако седнете во ресторан една мала салата би ве чинела 200 денари, а цеден сок од портокал 180. Цената на главните оброци беше толку висока, што одбивам дури и да ја напишам. Па, затоа не ви препорачувам да одите натаму гладни и жедни… Ех, да знаев.
Во секој случај, одлично си поминав и од сега па натаму, планирам многу почесто да одам. Дотогаш, еве ви неколку фотографии од моето кратко патување со цел да ве инспирираат и вие да ја посетите нашата прекрасна Матка. Уште еднаш ќе повторам, јадете пред да излезете од дома! 🙂 Уживајте…
*Не е дозволено преземање на фотографиите без согласност од авторот.
Prekrasno!
Ми се допаѓаМи се допаѓа