Станува збор за настан кој траел само 20 минути и се случил на оддалеченост од 1,2 милијарди светлосни години, но сепак научниците од НАСА успеале да го снимат. Да, тие имаат снимка од ѕвезда која експлодира! Неверојатно, се согласувате?
За прв пат во историјата на набљудувањето на ноќното небо, со помош на вселенскиот телескоп Кеплер, научниците успеале да го снимат одблесокот од ѕвезда која умира во видливата светлина. Интернационалниот тим научници истражувале над 50 трилиони ѕвезди фотографирани од страна на Кеплер, во период од 3 години, со цел да пронајдат супернова. Тоа и го направиле!
Смрт на суперџин
Суперновата се случува на крајот од животот на масивна ѕвезда, кога одеднаш настанува колосална и катастрофална експлозија, предизвикувајќи ѕвездата да сјае посветло дури и од одредени галаксии околу неа во период од околу 2 недели пред целосно да исчезне. Тимот истражувачи кои ги анализирале податоците од Кеплер, успеале да го најдат токму тоа што го барале – црвен суперџин, 500 пати поголем од нашето сонце и на околу 1,2 милијарди светлосни години оддалеченост кој експлодирал во насоката кон која гледал телескопот.
Водечкиот истражувач, Питер Гарнавич, професор по астрофизика при Универитетот Нотр Дам, изјавил дека ѕвездата била толку голема што орбитата на Земјата околу сонцето лесно би можела да се смести во нејзините граници.
Тешки метали
И покрај тоа што за среќа оваа супернова се наоѓа на милиони светлосни години од нас, сепак таа има значаен ефект врз нашиот Сончев систем. Стив Хоуел, еден од научниците кои работеле на оваа мисија вели:
„Сите тешки елементи во универзумот доаѓаат од експлозијата на суперновите. На пример, целото сребро, никел и бакар на Земјата, па дури и во нашите тела, дошло од експлозивната смрт на овие ѕвезди. „Животот постои поради суперновите.“
И покрај тоа што оригиналната мисија на Кеплер завршила во 2013 година, НАСА решила одново да го активира ова вселенско летало како К2, со надеж дека ќе ни помогне да откриеме нешто повеќе за суперновите и другите спектакуларни галактички настани.