Филм и ТВ

ТВ серии со кои моментално сум целосно опседната

Некои од нив се понови, некои постари, но со новата сезона, сите се незаменливи!

Ако побарате од оние што добро ме познаваат да ме опишат со неколку зборови, сигурна сум дека сите без размислување ќе ви кажат љубител на ТВ серии! Има нешто магично во раскажувањето приказни на овој начин, што едноставно силно ми влијае и ме прави на некој начин зависна од нив. Иако сум љубител и на филмови, сепак тие бидејќи пократко траат, ретко кога можам да се поврзам со ликовите на тој начин како што го правам тоа со оние од малите екрани. Имајќи го сè ова на ум, ви ги издвојувам сериите што сметам дека во овој момент се најдобри меѓу оние кои сè уште траат. Некои од нив се понови, некои постари, но со новата сезона, сите се незаменливи!

Lucifer

ТВ серии со кои моментално сум целосно опседната

Почнувам со најепската од сите – Луцифер! Приказната за ѓаволот што решил да се пензионира од пеколот и да го живее остатокот од својот вечен живот во Лос Анџелес помеѓу луѓето е една од најдобрите што сум ги гледала во последниве неколку години. Главниот актер, Tom Ellis, брилијантно ја одигрува својата улога како Луцифер, додека пак, хемијата помеѓу него и детективката Клои, која пак ја толкува Lauren German е електрична! Тие толку добро се надополнуваат, што едноставно морам да ги издвојам како мојот омилен пар на малите екрани (иако сè уште не се заедно, нели).

Но, епските моменти не завршуваат тука! Ликовите на демонот Мејз (Lesley-Ann Brandt), Аменадил (D.B. Woodside), братот на Луцифер и психологот Линда каде што нашиот омилен ѓавол оди на терапија се богата комбинација од разновидни ликови што се спротивставуваат, но и надополнуваат истовремено. Многу ми се допаѓа и најновиот член на тимот – Ела (Aimee Garcia), што работи како форензичарка и според мене, во моментов е огромна мистерија со својот колоритен карактер. Сигурна сум дека некако е поврзана со основата на приказната!

И секако, мора да ја спомнам и мајката на Луцифер, која ја игра прекрасната и заводлива Tricia Helfer, со чие присуство приказната тргна во сосема неочекувана, но одлична насока! 

Stranger Things

ТВ серии со кои моментално сум целосно опседната

Ако сè уште не сте ја гледале оваа ТВ серија, тогаш имам само 2 збора за вас – Што чекате? Приказната на некој начин започнува како епизода од The X-Files. Првата сцена веднаш нè „фрла“ во центарот на настаните, без никакво објаснување, каде што еден научник се обидува да избега од слабо осветлен и морничав подземен бункер, кога одеднаш е нападнат од мистериозно суштество. Но, наместо следната сцена да нè пренесе кон суптилното флертување на Молдер и Скали, ние имаме можност да видиме едно семејство од 80-тите години, каде што неколку млади момчиња играат Dungeons & Dragons. И да не ви ја раскажам целата приказна, ќе преминам на главниот настан – едно од тие момчиња мистериозно исчезнува, по што чудни работи почнуваат да се случуваат во градот!

Ова серија има сè што можеме да посакаме од својот жанр. Сместена е во минатото, кога не можеме да се потпреме на технологијата за рационално објаснување, па поради тоа и истражувањето се движи со побавно темпо, овозможувајќи ни да ги запознаеме ликовите многу подобро и подетално од оние чие дејство е сместено во сегашноста или иднината. Има еден лик со натприродни моќи, како резултат на експерименти, што мора од почеток да го запознае животот што сите ние многу добро го познавме, потсетувајќи нè на нашето искуство при спознавањето на светот во детството повеќе одошто би признале. Од друга страна пак, „алтернативниот свет“ што е создаден во позадината на реалниот е толку фасцинантен што ќе ве натера да посакате и вие да влезете во него, низ екранот, и да го истражите секој негов агол!

Можам да пишувам уште многу, ама во интерес на времето (и намалување на можноста за случајни спојлери!) ќе сопрам тука!

Scorpion

ТВ серии со кои моментално сум целосно опседната

Ова е една од оние серии што додека ја гледате не можете да не помислите дека е „ту мач“, но сепак нешто не ви дозволува да престанете. Целиот тим актери е совршено одбран и иако нивните улоги се малку преувеличени за да се долови животот на генијалците, сепак има нешто многу човечно и реално во тоа низ што тие поминуваат.

Од друга страна пак, најважното од сè – хемијата меѓу ликовите Волтер што го толкува Elyes Gabel и Пејџ, односно Katharine McPhee, може силно да се почувствува во секоја епизода, правејќи ја приказната многу побогата и позабавна за гледање. Да, понекогаш паѓање од вселената без летало, опрема или падобран и преживување при истото, може да ви нацрта прашалници околу главата, но секој настан се темели на добро пресметана равенка, па иако во реалноста е скоро невозможно да се случи, на хартија изгледа изводливо! А тоа е најважно, се согласувате?

Modern Family

ТВ серии со кои моментално сум целосно опседната

Имам само една причина за каење во мојот живот, а тоа е што не почнав да ја следам оваа ТВ серија порано! Едноставно не постои епизода што нема да ве насмее до солзи, најмногу затоа што приказните се многу поблиску до реалноста отколку до фикцијата. И тука ќе сопрам, затоа што сметам дека нема да имам доволно време да ги набројам причините зошто треба да ја гледате ако сè уште не сте почнале!

The Big Bang Theory

ТВ серии со кои моментално сум целосно опседната

По неколку (повеќе) ужасни сезони, каде што скоро и да немаше хумор, а ликовите изгледаа како само да се „маткаат“ по сцената и импровизирано да се глупираат, оваа сезона од ТВ серијата The Big Bang Theory се враќа на своите урнебесни корени и повторно станува една од најдобрите комедии во моментов на телевизиските екрани. Не знам што точно се смени во однос на претходниве години, но многу ми е мило што не прекинав да ја гледам (а бев премногу блиску, верувајте ми!).

Оваа сезона во центарот на настаните се наоѓа врската на Шелдон (Jim Parsons) и Ејми (Mayim Bialik) која конечно почна да еволуира и да се движи напред, како и бременоста на Бернадет (Melissa Rauch), покажувајќи ни една сосема нова и забавна страна на ликот што претходните сезони беше затскриен зад останатите. Моите најмалку омилени ликови, Пени (Kaley Cuoco) и Ленард (Johnny Galecki) не се толку експонирани како претходно, што само дополнително ми влијае повеќе да уживам во новиот тек на приказната…

Arrow

ТВ серии со кои моментално сум целосно опседната

Океј, да бидам искрена, не сум сигурна дека Arrow припаѓа на оваа листа со оглед на тоа што секоја нова сезона е послаба од претходната, но морам да го додадам бидејќи ако издвојувам омилени ликови (може треба да направам еден блог пост на оваа тема), Оливер (Stephen Amell) ќе биде прв на листата бидејќи тотално сум опседната со него! Љубов не е панаѓур! 🙂

Сепак не е сè толку лошо… Оваа сезона има мало подобрување, најмногу затоа што некако се смирија во однос на приказната и малку се вратија на начинот на кој се одвиваа нештата во првата сезона (со исклучок на Рагмен што неверојатно многу ме нервира!). И да, новиот тим е малку тинејџерски и „проблемите“ што се вртат околу нив се исто така прилично детски, но ако го тргнеме тоа настрана, и се фокусираме на главната приказна, новиот негативец и флешбековите на Оливер во Русија (пак ќе кажам, потсетуваат на оние од првата сезона на островот, па затоа се и толку добри!), тогаш секоја епизода има по неколку одлични моменти!

Одговорете

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s