Звучи нереално? Да, и јас истото го помислив кога налетав на овој наслов од IFLSicence! И не само што еден век звучи премалку за ваков чекор, туку и самиот град што тие го создале во 3Д симулација делува преамбициозно и скоро невозможно. Но, која сум јас да судам? Сепак верувам дека доколку навистина сакате да постигнете нешто и ги имате соодветните ресурси на располагање, едноставно не постои сила во универзумот што би можела да ве спречи! Океј, да се вратам на темата…

Минатата година, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) изјавиле дека сакаат да изградат вештачка планина во целосна големина на нивната територија со цел да создадат повеќе дожд. Сега, нивните амбиции малку се зголемиле, па тие изјавиле дека сакаат да изградат сосема нов град – на Марс!
Да, досега имавме можност да чуеме и многу други агенции ширум светот што сè уште се грижат дали воопшто би можеле да испратат луѓе на Црвената планета, но изгледа жителите на Дубаи не се занимаваат со вакви тривијалности. Инженерите од Емиратите веќе претставиле концепт за огромна марсовска метропола, во облик на 3Д симулација, што би можела да биде завршена до 2117 година.
Соодветно именуван, „Градот на мудроста“ стана една од најголемите атракции во Емиратите, а со тоа привлече внимание и ширум целиот свет. Шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум изјавил:
„Човечките амбиции немаат граници и кој и да погледне во научните откртија од овој век верува дека човечките способности можат да ги остарат најважните човечки соништа.“

Поголемиот дел од плановите за марсовскиот град се апстрактни и недоволно промислени. На пример, каде поточно на планетата би се изградил? Дали ќе биде потребно тераформирање? Дали градот ќе биде изграден таму или испратен дел по дел?
Во Градот на мудроста може да собере околу 600.000 жители, а истражувачот Сааед Ал Гергави подетално ја објаснил оваа бројка:
„Ја создадовме оваа бројка, бидејќи исто како и посетата на егзотичен остров, не може секој да отиде прв. Потоа следува напредувањето на ракетната технологија, што ќе им помогне на луѓето полесно да се движат таму, потоа напредувањето на технологијата за кислород, правејќи ја планетата послична на Земјата, што ќе ги стимулира луѓето.“

Да, ова дефинитивно звучи логично! Во секој случај тие имаат цел век пред себе за да го изградат, па можеби би требало да бидеме потрпеливи.
Овие амбиции се многу поимпресивни кога ќе се потсетите на фактот дека ОАЕ започнале со своја вселенска програма во 2014 година. Тие веќе планираат да испратат мисија без екипаж на Марс до 2021 година, што ако биде успешна, би можела да ги надмине и научниците со истата цел од моќната Кина.
Во секој случај, најдоброто нешто при истражувањето на вселената е дека на крајот од краиштата, сечиј успех е успех на човештвото. Па, без разлика колку амбициозно и нереално звучат нивните планови, сепак вреди да навиваме за нив!