Книги

Книга на викендот #1: A Million Suns – Beth Revis

Оваа недела ја издвојувам книгата A Million Suns (Милион сонца), од Beth Revis што според мене е еден од најдобрите вселенски романи што излегле во последниве неколку години.

img_2002

Никогаш во животот не сум читала толку многу како во последниве неколку години. Не знам што точно се смени во мене, личноста што никогаш не била позната по читањето книги, но сега како да не можам да излезам од дома без некој интересен роман во мојата чанта што би ми се нашол во оние здодевни моменти на чекање или движење (кога не сум зад волан) низ градот. Можеби приоритетите ми се сменија или пак, се здобив со нова почит кон пишаниот збор откако и самата напишав и објавив книга. Којзнае. Без разлика на причината, решив да почнам нова категорија на блогот во која ќе ги издвојувам оние книги што ми оставиле најголем впечаток, исто како што тоа го правам за ТВ сериите и филмовите.

Најпрво идејата ми беше да препорачувам по една трилогија на месецот, бидејќи најмногу уживам во нив, но потоа сфатив дека листата не би била комплетна без оние самостојни дела што ми предизвикале иста еуфорија како и трилогиите. Токму поради тоа се решив за препорачување една книга неделно. Со оглед на тоа што најмногу уживам во научната фантастика, препораките горе долу би се движеле во тој жанр, но планирам да вметнувам и македонски книги, од македонски автори бидејќи периодов сфатив дека имаме поквалитетен материјал дури и од оние светските бестселери што постојано ги читаме.

Да не должам, оваа недела ја издвојувам книгата A Million Suns (Милион сонца), од Beth Revis што според мене е еден од најдобрите вселенски романи што излегле последниве неколку години. Имајќи го тоа на ум, првиот дел од трилогијата, Across The Universe (Низ универзумот) и третиот дел, Shades of Earth (Нијанси на Земјата), според моите стандарди не беа толку моќни како втората – A Million Suns. Бидејќи оваа трилогија спаѓа во категоријата за млади возрасни, приказната како да се држи до површината и да не навлегува во длабочината, истражувајќи ги оние аспекти што ние како читатели би сакале да ги знаеме, но тоа како да не се забележува во втората книга.

img_1998

За да можам да ви ја доловам приказната во A Million Suns, најпрво треба да ви дадам вовед за првата. Ќе се обидам да бидам што пократка за да не ви го расипам уживањето. Вселенскиот брод Goodspeed патува од Земјата кон бинарниот соларен систем Кентаур (Centauri). Нивната мисија е да ја постават првата човечка колонија во најблискиот систем до нашиот. На Goodspeed има две групи луѓе – оние што будно го одржуваат бродот и оние што се „замрзнати“ од моментот на полетување, чија група се состои од различни видови експерти за основање на колонијата. Сите настани ги доживуваме преку очите на Елдер (идниот водач на луѓето што биле родени и живеат на Goodspeed) и Ејми (ќерка на татко војник и мајка научник – дел од „замрзнатите“).

Како што можеби веќе претпоставивте, некој предвреме ќе ја одмрзне Ејми и од тој момент па натаму целиот живот на вселенскиот брод ќе се промени. За да биде уште поинтересно, храбриот и брзоплет Елдер, што цел живот бил опколен со луѓе исти како него (по толку генерации на Goodpseed, луѓето се претопиле во една единствена раса, со маслинова боја на кожа), ќе се заљуби во чудната девојка со бела кожа и огнена коса. Повторно ќе кажам, станува збор за тинејџери, а книгата е наменета за млади возрасни, па нивниот однос, иако изобилува со силни емоции, не ја достигнува потребната длабочина што нас „постарите“ би нè исполнила. Всушност токму развојот на односите во овие книги е најслабата страна, додека пак, оној научно фантастичниот дел, изградбата на една сосема нова цивилизација и создавањето нов свет, тоа е и повеќе од фасцинантно.

Океј, мислам дека тоа е доволно за воведот, односно за Across The Universe. А сега да преминам на A Million Suns!

Го знаете она чувство, кога посакувате да ги прочитате сите страници за само една секунда со цел побрзо да стигнете до крајот? Е тоа ќе ви се случи ако ја фатите оваа книга во вашите раце. Начинот на кој писателката ни ја раскажува приказната, создавајќи еден вид сложувалка чии парчиња се умешно „расфрлани“ низ главите, ќе ве натера во еден здив да ја прочитате целата и да посакате повеќе. Всушност, токму тоа и го чувствував додека ги читав сите делови – како да има простор да се напише уште една цела трилогија помеѓу – основата е толку богата, толку добро осмислена што врз неа може да се изгради уште многу.

Во A Million Suns, Елдер, по преземањето на својата улога на водач, се обидува да воспостави контрола во хаосот што настана на Goodspeеd, додека пак, Ејми се обидува да следи низа траги, во вид на загатки, за да открие каде точно во универзумот се наоѓаат и уште колку имаат до нивната финална дестинација, Centauri-Earth или Кентаур-Земја (на бродот, така ја нарекуваат планетата на која треба да постават колонија, а нашата планета им е позната како Sol-Earth, односно Сонце-Земја). Трагите што таа ги следи и начинот на кој се обзема од истите е тоа што ќе ве маѓепса и вас и нема да ви дозволи да ги оттргнете очите од книгата, постојано претпоставувајќи што се крие на следната страница.

Нема да спомнам ништо повеќе за приказната, бидејќи што и да напишам, доколку решите да ја читате првата, целосно ќе ви се уништи исчекувањето што таа го предизвикува. Затоа само ќе кажам дека вреди да се прочита и дека за кратко време, нема да можете да си го замислите секојдневието без Ејми и Елдер.

Можеби веќе сте ја прочитале оваа трилогија? Споделете го вашето мислење во коментарите подолу. Исто така ако имате некој предлог за читање, без разлика дали е странска или македонска книга, слободно пишете ми.

Одговорете

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s