Занимливости

3 моменти што можат да ве убедат дека Едгар Алан По патувал низ времето

Што ако неговите напишани пророштво, за канибализмот и Ричард Паркер, за симптомите на синдромот фронтален лобус, како и за теоријата за Големиот прскот, не биле дел од неговата фантазија, туку репортажи од неговото патување низ временскиот континуум?

Интересно е што сè можете да најдете на Интернет. Обидувајќи се да заспијам пред некој ден, скролајќи по бескрајниот хоум на Фејсбук (кој поради работата ми е преполн со објави од веб-сајтови наместо статуси и фотографии од пријателите), налетав на интересна статија што целосно ми го привлече вниманието. Отсекогаш сум била расположена за необични погледи кон сосема обични коинциденции, особено кога станува збор за некаква контрола над времето (тоа е и причината поради која ја напишав книгата „На работ од времето“), па затоа ја отворив објавата и внимателно ја прочитав, па наместо да се успијам со читањето, што и ми беше намерата, мозокот ми се активираше и се расонив уште повеќе! Тоа е и причината поради која денес решив да ви ја пренесам во кратки црти, а ако сте заинтересирани да го прочитате целосниот текст, можете да го најдете тука.

Џејк Офенхартс, авторот на оригиналната статија, е убеден дека Едгар Алан По имал моќ да патува низ времето. Во моментов, признавам, и јас го делам неговото мислење. Кога подобро ќе го анализирате животот на По, постојат многу интересни случајности од кои можат да се извлечат необични теории. На пример, неколку денови пред неговата смрт, тој бил пронајден на улица во туѓа облека, а за време на хоспитализацијата, наводно зборувал неповрзано за неидентификувана личност со името Рејнолдс. Да не почнеме да зборуваме за фактот што седум декади, во раните утрински часови од неговиот ден на раѓање, некоја личност му го посетувала гробот со чаша коњак и три ружи.

Иако овие настани се трагични и љубопитни, сепак не се доволен доказ дека познатиот писател на хорор приказни ги надминувал границите на времето и просторот. Теориите на писателот на оваа статија, Џејк Офенхартс, се однесуваат на самата креативност на По. Еве за што станува збор…

Доказ број 1: „Авантурите на Артур Гордон Пим од Нантакет“ (The Narrative of Arthur Gordon Pym of Nantucket)

Објавена во 1838 година, единствениот целосно завршен роман на По ни раскажува за побуна што се случила на брод изгубен на море. Бидејќи немале доволно производи за исхрана, луѓето се препуштиле на канибализам, така што влечеле стапчиња за да го изберат „жртвеното јагне“. Едно момче, Ричард Паркер, го извлекло најкусото стапче и брзо потоа било изедено.

Е сега, еве каде нештата стануваат многу чудни. Во 1884 година, 46 години по објавата на романот, четири мажи преживеале бродолом на нивната јахта и бидејќи биле без храна, и тие решиле да го преземат истиот чекор за преживување, така што избрале да убијат и изедат 17-годишно момче. Неговото име: Ричард Паркер!

Доказ број 2: „Бизнисменот“ (The Businessman)

Во 1848 година, еден работник на железничка станица, Финиас Гејџ, претрпел сериозна повреда на мозокот откако железна шајка му се пробила низ черепот. За чудо преживеал, но неговиот карактер драстично се променил. Овие промени во однесувањето биле внимателно набљудувани од страна на доктори и научници, и ѝ помогнале на медицинската заедница да ги разберат првите сфаќања за начинот на кој фронталниот лобус влијаел на социјалната когниција.

Но изгледа По, цела декада порано, имал огромно знаење од промените во однесувањето што биле предизвикувани од повреда на фронталниот лобус. Во 1840 година, тој ја напишал карактеристично громорозната приказна наречена „Бизнисменот“, за неименуван наратор што се здобил со сериозна повреда на мозокот како младо момче, предизвикувајќи му да води живот со опсесивна точност и насилство, проследено со социопатски испади. Неговото сфаќање на фронталниот лобус било толку прецизно, што неврологот Ерик Олтшулер напишал:

„Постојат дузина симптоми и тој ги знаел сите до еден… Тоа што го има напишано во таа приказна е сè што и ние самите откривме за функциите на фронталниот лобус. Толку е точно пренесено што е едноставно чудно, како По да имал временска машина.“

Доказ број 3: „Еурека“ (Eureka)

Сè уште не сте убедени? Што ако ви кажам дека По го предвидел настанувањето на универзумот 80 години пред модерната наука да почне да ја создава теоријата за Големиот прскот. Како може еден аматер астроном, без формално образование од космологијата толку точно да ја опише машинеријата на универзумот, отфрлајќи ги сите општи неточности и истовремено решавајќи го теоретскиот парадокс што со години ги чудел астрономите по Кеплер.

Неговата визија дошла во форма на „Еурека“, прозна поема од 150 страници што критичарите ја осудиле поради својата комплексност и според многумина била сметана за дело на лудак. Напишана во финалните години на животот на По, „Еурека“ опишува универзум што почнал во инстантен момент, произлегувајќи од една примордијална честичка и оттогаш постојано се шири.

По го пронашол првото легитимно решение за парадоксот на Олберс – одговорот на прашањето зошто, со оглед на тоа колку многу ѕвезди има во универзумот, ноќното небо е темно, така што објаснил дека светлината од универзумот што се шири сè уште не стигнала до нашиот Сончев систем. Кога Едвард Роберт Харисон ја објавил „Темнина во ноќта“ (Darkness at Night) во 1987 година, ѝ дал признание на „Еурека“ за предвидувањето на откритието.

Еден италијански астроном, Алберто Капи, објаснува:

„Зачудувачки е тоа што По стигнал до неговата теорија за динамичен универзум што еволуира бидејќи тогаш не постоеле никакви теоретски, ниту пак опсервациски докази дека тоа е дури и можност. Ниту еден астроном во времето на По не можел да замисли универзум што не е статичен.“

Успеав да ве убедам и вам? Што ако неговите напишани пророштво, за канибализмот и Ричард Паркер, за симптомите на синдромот фронтален лобус, како и за теоријата за Големиот прскот, не биле дел од неговата фантазија, туку репортажи од неговото патување низ временскиот континуум?

Одговорете

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s