Книги

Книга на викендот #3: Sapiens: A Brief History of Humankind – Yuval Noah Harari

Дајте ми мистерија и можам да не спијам со денови размислувајќи за неа и обидувајќи се да го најдам најлогичното решение.

IMG_2065

Една од најголемите мистерии на кои сум потрошила безброј часови размислувајќи е токму еволуцијата на човештвото. Отсекогаш ме мачела мислата како е можно само нашата човечка раса, Homo sapiens (Мудар човек), меѓу толку многу други во минатото, да остане единствената на оваа планета. Или пак, во кој момент и зошто се случила таа промена во нашиот мозок, што ни помогнала да станеме она што сме денес. Потрагата по одговорите на овие прашања ме одведе до едно интересно видео за кое пишував пред година дена, од каде што и дознав за книгата Sapiens: A Brief History of Humankind, од писателот Yuval Noah Harari.

Таа не само што ми овозможи нов, сосема поинаков поглед кон еволуцијата на човештвото туку ми помогна и од психолошка гледна точка да го разберам подобро денешниот човек. Ќе се изненадите колку сè уште ни влијае минатото, дури и на секојдневните одлуки. Ова се случува до тој степен што можам слободно да кажам дека ми делува како да стоиме во место веќе десетици илјадници години. Како да не сме мрднале напред во однос на интелигенцијата и способностите во споредба со нашите предци.

Океј, ако продолжам да ги пишувам моите теории, може и никогаш да не престанам, така што ќе преминам директно на причината поради која сте тука. Станува збор за научна книга што го опфаќа развојот на човекот од мајмун, па сè до тоа што сме денес, како и почетокот на една нова фаза во еволуцијата на човештвото и насоката во која ќе се движиме во иднина. Сите теории се поддржани со научни истражувања и толку силни факти што останува малку простор да се верува дека има грешки во нив. Додека читате, постојано ќе размислувате колку има логика во напишаното, дури и покрај тоа што писателот не бил присутен на сите овие настани, туку истражувал од сегашноста. Според мене најдобриот дел, оној што се однесува на античките раси луѓе, меѓу кои била и нашата, е толку живописно опишан што на моменти си помислував и дека Harari има временска машина што му овозможува самиот да ги доживее сите оние нешта за кои пишува. Всушност толку се фасцинирав од напишаното, како што гледате и самите на следната фотографија, што почнав да ги издвојувам сите оние факти што сакав да ги запомнам… Го искористив единственото слободно време во годината, целосно да се посветам на учење (што никогаш порано не ми се случило, дури ни додека студирав)!

IMG_2071

Но не ми верувајте на зборот. За да ви докажам колку оваа книга е добра, решив да издвојам неколку факти од неа што мене лично ме оставија без зборови. Ќе се задржам на првото поглавје, бидејќи според мене тоа е најфасцинантниот дел. Подгответе се!

  • Пред 6 милиони години, жена мајмун родила 2 ќерки – едната станала предок на шимпанзата, другата била нашата баба!
  • Homo sapiens само 10.000 години се единствената човечка раса на планетата…
  • Луѓето еволуирале од еден вид мајмун познат како Australopithecus (Јужен мајмун) пред 2,5 милиони години.
  • Homo erectus (Исправен човек) живееле во регионите на Азија околу 2 милиони години.
  • Homo floresiensis (Човек од островот Флорес) еволуирале во уникатна човечка раса џуџиња, бидејќи на островот немало доволно ресурси па нивното тело се адаптирало да нема потреба од толку многу храна и вода.
  • Мозоците на Homo sapiens трошат 25% од енергијата на телото – поради тоа им била потребна повеќе храна, а пренасочувањето на енергијата кон мозокот довело до атрофирање на мускулите (затоа останатите животни се физички посилни од човекот).
  • Одењето на две нозе предизвикува болки во грбот и вкочанет врат. Тоа се случува бидејќи ‘рбетот на нашите предци еволуирал да поддржува суштество што се движи на четири нозе, а не на две.
  • За да стојат исправено, кај жените се стесниле колковите, при што се намалил и каналот за породување. Но главите на бебињата станувале сè поголеми, бидејќи мозокот растел, па природната селекција била поблага со оние кои порано се раѓале. Сè повеќе бебиња се раѓале недоразвиени, па бидејќи мозокот немал доволно време да ги стекне потребните инстинкти за преживување што сите останати животни ги имаат уште од раѓање, се создала способноста да се учи од родителите. Затоа денес можеме да бидеме писатели, психолози, артисти, правници, професори, доктори и слично…
  • Само во последниве 100.000 години Homo sapiens се на врвот на синџирот на исхрана.
  • Бидејќи Homo sapiens пребрзо скокнале на врвот на синџирот на исхрана, со користење разни алатки и тактики за напад и одбрана, екосистемот немал време да се навикне на оваа промена, па животните не биле програмирани да се плашат и да бегаат, притоа осудувајќи се себеси на лесна смрт од човековата рака. Другите животни постепено се искачувале нагоре, во период од милиони години – колку посмртоносни станувале тие, како на пример лавовите и ајкулите, толку останатите станувале побрзи, подобро соработувале едни со други и поефикасно се бранеле. Дури ни луѓето сè уште не се навикнати на оваа улога, па затоа и се однесуваат толку доминантно, сурово и опасно.
  • Некои човечки раси почнале да го користат огнот уште пред 800.000 години, а пред 300.000 години Homo erectus, Homo sapiens и Homo neanderthalensis веќе секојдневно го користеле.
  • Употребата на огнот отворил можност за поразновидна исхрана, која требало помалку време да се изџвака, па тоа довело и до скратување на цревата.
  • Истражувачите веруваат дека постои директна поврзаност помеѓу готвењето, скратувањето на цревата и растот на мозокот.
  • Homo sapiens се појавил околу 150.000 години во Африка и тие изгледале толку слично на денешните луѓе, што доколку еден од нив заврши во локалната мртовечница, патологот не би забележал ништо чудно.
  • 1-4% од уникатната човечка ДНК кај жителите од Европа и Средниот Исток припаѓа на Неандерталци.
  • 6% од уникатната човечка ДНК на модерните Малезијци и Абориџини е Денисовијанска ДНК.
  • Бидејќи има многу мал процент ДНК од другите човечки раси во нас, се верува дека Homo sapiens се мешал со нив, но мал дел од потомците се раѓале со способност за размножување. Најверојатно Homo sapiens придонел и за изумирањето на останатите видови.
  • Повеќе од 10.000 години нашата раса е единствената човечка на оваа планета. Последните остатоци на Homo soloensis датираат од пред 30.000 години, Homo denisova исчезнале брзо потоа, а Неандерталците издржале до пред 50.000 години. Последната џуџеста раса на островот Флорес исчезнала пред 12.000 години.

Можеби издвоив повеќе од колку што требаше, но имав потешкотии при извлекувањето на најдобрите факти од првото поглавје – едноставно нема страница што е здодевна или што не открива нешто неверојатно! Се обидував да бидам и што е можно пократка, за да ја доловам основата но не и да ви го откријам објаснувањето со цел да не ви го намалам уживањето при читањето – доколку одлучите да ѝ дадете шанса на оваа книга! Или можеби веќе сте ја прочитале? Споделете го вашето мислење во коментарите подолу. Исто така ако имате некој предлог за читање, без разлика дали е странска или македонска книга, слободно пишете ми.

Одговорете

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s