Таман ќе помислам дека на одредена тема знам сè или барем сум прочитала за тоа што е најважно, па имам некоја основа (како на пример, за облаците) и одеднаш откривам дека се појавиле нов вид облаци. Со години, луѓе ширум светот правеле снимки од необични формации, па обидувајќи се да дознаат за каков вид облаци станува збор, ги испраќале на Gavin Pretor-Pinney, основачот на The Cloud Appreciation Society. Тој ги нарекол „undulatus asperatus“ и долго време се обидувал да добие признание за оваа нова категорија облаци од страна на Светската метеоролошка организација.

Науката овој пат победила, па тоа конечно се случило пред само неколку денови, односно на 23 март оваа година, по 9-годишни непрекинати обиди. Светската метеоролошка организација конечно ги признала облаците на Pretor-Pinney, кои биле преименувани во „asperitas“. Тие се првиот додаток во Интернационалниот атлас на облаци по повеќе од половина век.
Овие формации се опишани како локализирани бранови во основата на облаците, што се или мазни или прошарани со помали карактеристики кои понекогаш се спуштаат во остри врвови, исто како да гледате разбранувана морска површина одоздола. Нивоата на осветленост и густина може да им варира, а најчесто се оформени на тој начин што предизвикуваат драматични визуелни ефекти. Тие имаат тенденција да се формираат ниско на небото и најчесто се предизвикани од временски состојби што создаваат бранови во атмосферата.
Ако добро ги погледнете, овие бранови изгледаат апокалиптично – тоа се тие формации што би очекувале да ги видите доколку дојде крајот на светот или пак, настане инвазија од вонземјани. Само еден поглед кон овие облаци ви дава до знаење дека нешто лошо доаѓа. Но иако тие изгледаат толку лошо, сепак не се ништо пострашни од останатите облаци. Баш напротив, тие се едни од ретките убавини што се создаваат буквално од нигде никаде!


