Книга на викендот #4: Исчезната без трага – Шеви Стивенс

Не сум голем љубител на преводи, бидејќи сметам дека секој писател си има свој специфичен стил на пишување што едноставно не може да се пренесе на друг јазик, ниту пак од друг човек. Од друга страна пак, книгите се моќни токму поради фактот што сите ги доживуваме на субјективен начин, па ако ме прашувате мене, преводот е само едно гледиште на оригиналната приказна кој делумно ни ја пренесува суштината. Имајќи го сè ова на ум, мора да признам дека преводот на „Исчезната без трага“ (Still Missing – Chevy Stevens) од Ана Кулеванова е навистина добар. При читањето не почувствував дека напишаното звучи „англиски“, ниту пак забележав дупки или друг вид нејаснотии, што можат да се најдат во голем број преводи токму поради фактот што не е целосно или точно пренесено тоа што оригиналниот писател сакал да го каже. Овој пат, ќе се изгубите во приказната, исто како што би ви се случило и во оригиналната англиска верзија!

IMG_2129

Да преминам на приказната. Ретко ми се случува да фатам книга во рака и да не ја оставам додека не ја завршам. Најчесто немам толку слободно време за читање, но може и да изгубам фокус, односно напишаното да не ми го задржи вниманието. Ова зависи од самата приказна, но и од моето расположение, секако. „Исчезната без трага“ нема да ви дозволи да ја оставите додека не стигнете до самиот крај (ако срцето ви дозволи). Јас ја прочитав во два наврати, само затоа што кога стигнав до една точка во книгата (да не ви оставам спојлер, ќе напишам само: патка – тие што прочитале ќе знаат), едноставно ја затворив и ја оставив така неколку дена. Ми требаше време емоционално да се справам со напишаното, бидејќи Шеви Стивенс брилијантно ја има претставено психологијата на страдањето – толку сликовито и впечатливо, што на моменти ќе заборавате дека напишаното не ви се случува на вас. Вие ќе се претопите со главниот лик, Ени, и додека читате умот ќе ви верува дека сте на нејзиното место – што воопшто не е пријатно.

Приказната ни ја раскажува Ени преку нејзините психолошки сесии со својот психијатар, во кои се обидува да врати дел од својата човечност, да разбере што точно ѝ се случило и како со истото да се справи. Таа одново мора да учи и како да живее во реалниот свет. Но што ѝ се случило? Таа била киднапирана и долго време чувана во заробеништво од човек што љуби да го вика „Монструмот“. И описот воопшто не е погрешен. Ени преживеала пекол, од кој никој не може да излезе „нормален“. Монструмот ја изолирал, ја тепал, ја силувал… Во период од една година ѝ создал толку незамислив хорор, што ќе ви биде потребно време да ги „обработите“ прочитаните информации. А верувајте ми, откако ќе ви влезат во глава, веќе никогаш повторно нема да излезат! Почнете со читање на своја рака и ако ви дојде премногу, не кажувајте дека не сум ве предупредила!

Можеби веќе сте ја прочитале оваа книга? Споделете го вашето мислење во коментарите подолу. Исто така ако имате некој предлог за читање, без разлика дали е странска или македонска книга, слободно пишете ми. А ако сте расположени за постапокалиптична дистопија, ѕирнете ја и мојата книга: „На работ од времето“.

Одговорете

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s