Драги љубители на научната фантастика, ако сте расположени за разговор на нашата омилена тема, за предложување интересни наслови за читање или пак, за едноставно дружење во попладневните саботни часови, поминете до Книжевниот центар Антолог на 23-ти декември, во 18 и 30 часот. Донесете ги вашите омилени научно фантастични книги и споделете зошто токму тие ви го освоиле срцето. Ќе зборуваме за книги, но и за филмови – всушност за сè што ви ја разгорува фантазијата.
Јас ќе ја донесам и мојата прва книга, На работ од времето, па ако ви се чита македонска научна фантастика, односно постапокалиптична дистопија, можам да ви кажам збор-два и за неа. Исто така можеме и да поразговараме за целиот процес на пишување и издавање книга, доколку некои од вас се решени да станат македонски писатели! 🙂
Оваа средба е дел од настанот Афтерворк со Антологџии, кој започна на 15 декември и ќе трае до 28 декември. Во рамките на настанот ќе имате можност да се запознаете и да поразговарате со многу други писатели, како Ѓоко Здравески (автор на ДЕДИКАР ИКАРАЛ, ЉУБАВИНА, КУЌИЧКА ЗА ПТИЦИ-ПРЕСЕЛНИЦИ и ПАЛИНДРОМ СО ДВЕ Н), Снежана Стојчевска (авторка на ТРЕБА ДА Е ЛЕСНО), Биљана Стојановска (авторка на ЗБОРОВИТЕ НЕМААТ ЗНАЧЕЊЕ), Драгана Евтимова и Владимир Лукаш (автори на СЕ ГЛЕДАМЕ НАСКОРО. Е.), Игор Станојоски, (автор на ГАРГАРА и ДИССОМНИИ), Бојана Дојчиновска, (авторка на КНИГА ПОДАРОК ЗА ПОСЕБНА ДАМА КАКО ТЕБЕ), Исток Улчар (автор на СЕНКИ НИЗ ЦИРКУСКИОТ ШАТОР) + Рина Јанкуловска и Дарко Ангеловски (автор на ДУШЕВЕН САНАТОРИУМ).
Во продолжение можете да ја погледнете и целосната програма…
Ве чекам на 23-ти!