Ако сте љубители на здравите смудиња, тогаш сигурно сте расположени и за експериментирање со вкусовите.

1. Смуди со банана и јогурт
- Јогурт
- Свежи банани
- Чиа
- Лен
- Ванилин шеќер
- Цимет во прав
- Мед
За овој рецепт, потребно е да земете две или три банани (во однос на нивната големина). Колку повеќе, толку подобро, бидејќи смудито на тој начин ќе ви биде како крем. Искршете ги на неколку парчиња и ставете ги во сад со средна големина (или во помалата чаша, ако имате Нутрибулет). Додајте една лажичка чиа, една лажичка лен, прстофат ванилин шеќер, прстофат цимет и една лажичка мед. На крај, прекријте ги сите состојки со јогурт (или наполнете до линијата за максимум на чашката од Нутрибултетот). Матете со рачен миксер (или на Нутрибулет) додека не добиете хомогена смеса. Сипете го смудито во чаша и уживајте во вкусот.

2. Смуди со шумско овошје и јогурт
- Јогурт
- Смрзнато шумско овошје (за најдобар вкус, комбинирајте јагоди и малини)
- Смрзната или свежа мала банана
- Сува аронија
- Суви брусници
- Чиа
- Лен
- Ванилин шеќер
- Цимет во прав
Ставете го шумското овошје и бананата во сад со средна големина (или во помалата чаша, ако имате Нутрибулет). Додајте една лажичка сува аронија, една лажичка суви брусници, една лажичка чиа, една лажичка лен, прстофат ванилин шеќер и прстофат цимет во прав. На крај, прекријте ги сите состојки со јогурт (или наполнете до линијата за максимум на чашката од Нутрибултетот). Матете со рачен миксер (или на Нутрибулет) додека не добиете хомогена смеса. Сипете го смудито во чаша и уживајте во вкусот.

3. Смуди со кафе и млеко
- Млеко
- Кафе
- Банана
- Какао во прав
- Чиа
- Ванилин шеќер (по желба)
- Цимет (по желба)
Ставете една, до две лажички кафе (по ваш вкус), една лажичка какао во прав, половина лажичка чиа семки и ако имате желба – прстофат ванилин шеќер и/или прстофат цимет во сад со средна големина (или во помалата чаша, ако имате Нутрибулет). Искршете една банана со средна големина и додајте ја и неа на останатите состојки. Чашата во која планирате да го пиете смудито, наполнете ја до половина со млеко, и потоа претурете го на останатите состојки. Матете со рачен миксер (или на Нутрибулет) додека не добиете хомогена смеса. Сипете го смудито во чаша и уживајте во вкусот.