На работ од времето (Наследството на Вероника #1)

„На работ од времето“ е првата книга од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Расположени сте за постапокалиптична дистопија? Научно фантастичната трилогија „Наследството на Вероника“ започнува со првата книга, „На работ од времето“ и нè запознава со мистериозна млада девојка која се издвојува во навидум совршеното општество на повеќе начини од што можете да замислите. Зошто е таа толку посебна?


Книга: На работ од времето

Трилогија: Наследството на Вероника

Издавачка куќа: Антолог

Година на издавање: октомври, 2016

Жанр: научна фантастика, пост-апокалипса, дистопија

Ликови: Вероника, Мартин, Дијана, Марко, Јоаким, Туари, Викторија, Мајкл, Сара, Клара, Алистер, Себастијан, Ема, Тео…

Локација: Нов Почеток

 


Сè започна за време на моето студирање… Бидејќи отсекогаш ме фасцинирала психологијата, решив да се впуштам во тие води и еден ден да станам психотерапевт. Но, како и на секој друг факултет (не верувам дека постои студент кој не би се согласил со мене за ова), има предмети што… па, ајде да кажеме дека се едвај подносливи за читање. Поради некоја необјаснива причина тие влегле во програмата за насоката што сме ја избрале, но и ние, и професорите што ги држат, знаеме дека никогаш во животот нема да ни притребаат. За жал дури и тие мора да се поминат за крајната цел – дипломирањето! И така, додека ги спремав овие испити, едноставно не можев да си го задржам умот фокусиран на тоа што го читам – тој како да леташе на некоја сосема друга планета…

По некое време, овие мисли почнаа да се избиструвааат и да добиваат некоја смисла, за на крај да сфатам дека несвесно сум бегала во свет во којшто би сакала да живеам… Совршен свет – каде што нема болести, криминал и војни, а луѓето живеат во мир и хармонија, секој работејќи го тоа што го сака и целосно уживајќи во својот живот. Дури и парите не постоеја во овој мој нов свет. Но, имаше цена што требаше да се плати за тоа да се одржи – на кратко, гените на луѓето мораа да останат чисти. Со други зборови, оние што имаа некакви болести или генетски нарушувања, немаа право да имаат деца. Оваа несовршеност мораше да умре со нив…

Откако си го изградив овој свет во мислите, решив да го споделам со една многу блиска личност и како што зборував, објаснувајќи му дека би можела да напишам цела книга од материјалот во мојата глава, возбудена за оваа идеја, тој тивко ме ислуша и потоа без многу размислување ми одговори:

„Па, ми изгледа како многу здодевна приказна. Што интересно би можело да се случува во тој толку совршен свет?“

Се пресеков. И за да се оправдам пред него, за да не изгледа како залудно да сум потрошила толку месеци градејќи го овој свет, за помалку од една секунда го смислив главниот лик (до тој момент немав размислувано многу за ликовите, само за градот) – млада девојка, што не припаѓа во овој совршен свет поради тоа што нешто не е во ред со нејзините гени. Таа е различна од останатите, уникатна и посебна, но истовремено и опасна за оние што сакаат да го задржат редот бидејќи веруваат дека единствениот начин да се одржи мир помеѓу луѓето е доколку нивните гени останат чисти – без болести и различни генетски нарушувања. И така настана Вероника! Таа ќе биде личноста што ќе го врати човештвото на правиот пат и ќе им даде глас на несовршените! Неговиот одговор:

„Хм, е тоа е веќе интересно. Тоа би можел да го читам…“

Ми падна камен од срцето… Иако приказната од тој момент, пред околу 3 години, претрпе многу промени, сепак основната замисла за Вероника, односно нејзината срж, остана скоро непроменета. На некој начин, целиот свет го изградив околу нејзиното постоење.

Најпрво имав идеја за само една книга и првото нешто што го напишав беше почетокот (првата глава) и крајот (последната глава). Но, како што пишував, глава по глава, движејќи се кон мојот замислен крај, така приказната ми еволуираше и сфатив дека едноставно нема логика да заврши на тој начин. Иако напишаниот крај сепак остана во оваа книга, тој не ја заокружи приказната. Со мала модификација на последните пасуси добив можност за подетално да ја раскажам приказната за Вероника и мистеријата зад нејзиното постоење.

Откако завршив со пишување, почна можеби еден од најтешките периоди во мојот живот. Најпрво, ми требаше околу три, четири месеци за да се охрабрам да почнам да праќам дел од мојата книга до издавачките куќи. Во тој период ја споделив приказната со неколку пријатели (мојата контролна група), кои многу брзо ја прочитаа и ми ја вратија назад со своите забелешки. Тие без сомнение ги пронајдоа сите дупки и нејасности во приказната, помагајќи ми многу подобро да ја составам. Крајната фаза вклучуваше препрочитување на книгата со мајка ми (која имаше најголемо влијание врз обликување на финалната верзија) и потоа праќање на книгата кај тетка ми, со цел да ја погледне од лекторска гледна точка. Кога сето ова заврши, составив неколку мејлови, наменети за неколку издавачки куќи и отприлика неколку дена си стоеја во драфтс, чекајќи ме да соберам храброст за да стиснам SEND! Колку застрашувачки само изгледаше тој збор… Но, си реков сè или ништо и ги испратив!

Бидејќи праќав во „бранови“ (за полесно да се соочам со мојот страв, ги поделив издавачките куќи во групи), во период од неколку месеци, долго време поминав во чекање одговори. Интересно е што од некои издавачки куќи сè уште ништо не сум чула, но не можам да кажам дека тоа е нешто невообичаено за кај нас… (Ако чита некој што планира да издаде книга, веднаш ќе ве предупредам – некои издавачи треба да ги потсетите со втор имејл) Но, имаше некои што ми одговорија и за само неколку денови. Едни од нив беа токму Антолог – издавачката куќа со која потпишав договор. (Повторно, ако чита некој што планира да издаде книга, прво пишете им ним!) И потоа работите почнаа да се движат со брзината на светлината и пред да трепнам, ја држев мојата книга во раце!

Можете да прочитате дополнителни информации за целиот процес на Радио МОФ.

Бидејќи не ме бива за објаснување на приказната во кратки црти (ги имам сите три книги во мојата глава и многу ми е тешко да издвојам вовед што би можел да опфати сè што е важно), ќе го „препишам“ краткиот опис што може да се најде на опачината од самата книга.

Возбудливиот прв дел од научнофантастичната трилогија „Наследството на Вероника“ ве воведува во Новиот Почеток, совршениот свет од иднината, во кој не постојат неизлечиви болести, сиромаштија, криминал, војна… или барем навидум е така.

Животот на Вероника е мошне едноставен. Таа се буди, појадува, чита книги, руча, повторно чита, вечера и легнува да спие. Нејзините родители поголемиот дел од денот се на работа, а бидејќи нејзиното постоење е тајна и таа не смее да излезе од дома, ги гледа само за време на појадокот и на вечерата. Оваа рутина трае сè додека еден ден тие нема да се вратат од работа. Токму тогаш и започнува нејзината најголема авантура.

Таа ќе мора да го напушти домот што долго време ѝ бил безбеден „затвор“, а потоа и градот, за да ја заштити својата тајна. Надвор, во старите градови, за кои била учена дека веќе не се населени, таа запознава група луѓе што ќе ѝ го срушат сето знаење за животот на човештвото. Вероника ја запознава другата, темна страна на новиот свет, доживувајќи непредвидливи авантури и соочувајќи се со сето она што сè до нејзината деветнаесетта година било криено од неа.

Сепак, ова патување не е безнадежно и Вероника открива дека поседува чудни моќи што од ден на ден сè повеќе учи да ги контролира. Таа конечно почнува да разбира зошто живеела скриена од целиот свет, но и дека нејзиното постоење е уште поголема мистерија…

Прочитајте ги и рецензиите од веб-сајтовите Кафе пауза и Reborn, како и блоговите Некој Некогаш Некаде (3Н) и Крајбрежје на ДВА спротивни света доколку сакате да добиете појасна слика за приказната и мислење за книгата.

Ако успеав да ве заинтересирам со ова мини објаснување за приказната, како и со овие две рецензии, можете да ја најдете книгата во Антолог. Ако не сте имале можност сè уште да ги посетите, имаат многу кул видеа како да стигнете до кај нив (и за со автомобил и пешки)! Ако не ви се излегува од дома на ладново, можете да ја порачате и преку Купи книга… Од другите книжарници, во моментов може да се најде во ТРИ и Литература.

Ако решите да ѝ дадете шанса на оваа приказна, најдете ја на Гудридс, каде што слободно можете да ми пишете дали ви се допаднала или не. Секогаш сум расположена за конструктивен критицизам, без разлика дали е позитивен или негативен… 🙂

Промоцијата се одржа на 4-ти ноември во Јавна соба, во 20 часот, како дел од фестивалот „BookStar.

За крај сакав само многу да му се заблагодарам на Оливер Настески кој иако бевме кнап со време, успеа за само една недела рачно да ја нацрта корицата. Како што можете и самите да видите совршено излезе! Ако некогаш ви треба добар цртач, сега знаете каде можете да се обратите…